Во изминатиов период особено внимание беше посветено на активностите за оценка, обезбедување и подобрување на квалитетот во високото образование, како дел од европската програма за институционална евалуација, а во склоп на вкупните процеси за промени на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Прашањето за квалитетот во високото образование е тесно поврзано со создавањето заеднички европски простор на високото образование, при што тоа е во функција на обезбедување непречена мобилност на студентите и на универзитетскиот кадар на европскиот академски пазар и мобилност на европскиот пазар на трудот и има централно место во препораките произлезени од Болоњскиот процес.
Во периодот од 2 до 4 март, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го посети експертскиот тим од Европската асоцијација на универзитети во состав: проф. Хенрик-Тофт Јансен, Универзитет Роскилд, Данска, проф. Виргилио Меира Соарес, Совет за евалуација на португалските државни универзитети, Португалија и г-ѓа Џеклин Смит, Секретаријат на ЕУА, Брисел. Всушност, првите два члена на експертскиот тим од ЕУА беа вклучени и во првичната институционална евалуација на УКИМ во 2003 година.
Посетата на експертскиот тим се спроведе со цел за реализирање на последователна евалуација, четири години по првичната евалуација, која беше изведена во 2003 година. Последователната евалуација им овозможува на институциите и на ЕУА да го идентификуваат влијанието на првичната евалуација врз развојот на соодветната институција, да ги испитаат стекнатите искуства од имплементираните промени по првичната евалуација и да поттикнат натамошни промени. На последователната евалуација u претходеа Извештајот за самоевалуацијата на УКИМ (за периодот 2002-2006) и апликацијата за реализирањето на посетата на експертскиот тим.
Извештајот за самоевалуацијата на УКИМ (за периодот 2002-2006) во главни црти ги претставува податоците добиени со инструментариумот за самоевалуацијата и извештаите од членките на УКИМ и претставува критичка анализа на неколку аспекти, и тоа: внатрешните силни и слаби страни на институцијата во однос на внатрешниот квалитет и стратегискиот менаџмент; потенцијалот на институцијата и поединците да развиваат стратегис¬ка политика, со цел УКИМ да стане квалитетен европски универзитет, и неговиот капацитет да доведе до оваа промена и секако, препораките за надминување на постојните слабости и за развој на Универзитетот.
Имено, токму овој извештај беше појдовната точка за скенирање на состојбата на Универзитетот и промените што се реализирале во периодот 2002-2006 година. Посетата на експертскиот тим од ЕУА се реализираше според претходно утврдена програма од нивна страна. Програмата вклучуваше состаноци со претставници од следниве структури на Универзитетот: ректорскиот колегиум, деканите и директорите, претседателот на Универзитетскиот сенат и сенаторите, Комисијата за евалуација на УКИМ, академскиот кадар, раководителите на катедри, студентите.
На состаноците се дискутираше за влијанието на Извештајот за надворешна евалуација подготвен од ЕУА во 2003 г., како и за сегашните и идните клучни точки на институционалниот развој, со посебен акцент на капацитетот за промени. Својот престој експертите од ЕУА го заокружија со презентација на прелиминарниот устен извештај и дискусија за главните наоди во текот на последователната евалуација, пред аудиториум сочинет од претставници од Универзитетот и неговите тела и органи. Овој состанок овозможи средба на членовите на тимот за евалуација со сите што биле вклучени во процесот на евалуација, со цел да се информираат за препораките што произлегоа од првичната евалуација и направените промени во однос на нив, утврдените стандарди за квалитет, доминантните ограничувања, моделите на промена - позитивни и негативни - и идните цели. По усното претставување на согледувањата на експертскиот тим за УКИМ, следуваше плодна дискусија во која се вклучија голем дел од присутните претставници од Универзитетот.
Генерален заклучок е дека се направени голем број позитивни промени и трансформации во сите области од дејноста на УКИМ. Ваквата позитивна оценка ќе биде и понатамошен поттик за обезбедување и подобрување на квалитетот во високото образование. Официјалниот извештај од експертскиот тим на ЕУА беше доставен во текот на месец јуни 2008 година. Следејќи ја определбата на УКИМ за транспарентност, веќе е објавено печатено издание што ги содржи извештаите на експертскиот тим на ЕУА и на Комисијата за евалуација на УКИМ. Наведените извештаи, исто така, се објавени подолу.
|