Покана Пријава

Почитувани,
Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура оваа година од 28 јуни до 13 јули во Охрид и од 14 до 16 јули во Скопје ќе ја одржи својата 43. летна школа. За таа цел ќе подготвиме разновидна програма, покрај редовните лекторски курсеви, со која ќе се потрудиме да ги задоволиме очекувањата на учесниците. Нашите најдобри лектори се подготвени да Ве научат да зборувате на македонски јазик, ќе Ве подготват да читате и да разбирате секаков вид текстови. Ќе се потрудиме да Ви обезбедиме добар избор на предавачи кои ќе Ви ги откријат тајните и спецификите на македонскиот јазик и неговата литература, историја и култура. Во програмата ќе бидат вклучени и културни активности, филмови, телевизиски драми, разгледување на македонскиот бисер Охрид со неговите знаменитости, манастирот Св.Наум и други интересни места преку кои ќе се запознаете со еден убав дел на Македонија. По многу години повторно мал дел од нашата летна школа ќе се одржи во главниот град на Република Македонија, Скопје. Ќе ви пружиме можност да го разгледате и да ги посетите неговите знаменитости, Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” и дел од научните и културните институции на главниот град. За оние кои се занимаваат со научни истражувања на македонскиот јазик, литература и култура оваа година ја подготвуваме 37.научна конференција која ќе се одржи на 5 и 6 јули во Охрид. Темите на Научната конференција со својот широк спектар овозможуваат учество на научни работници од многу светски универзитети и од Република Македонија. Ве покануваме да земете учество во работата на 43.летна школа и да станете дел од големото семејство македонисти од светот кои досега ги следеле активностите на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Со големо задоволство ќе Ве пречекаме во Конгресниот центар на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” на брегот на Охридското Езеро на 27 јуни 2010 г. До видување во Охрид.
Проф. д-р Максим Каранфиловски, директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура
Организатор
Летната школа ја организира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Адреса: Бул. Крсте Мисирков бб, 1000 Скопје
msmjlk@ukim.edu.mk www.ukim.edu.mk/msmjlk
Учесници
На летната школа учествуваат странски слависти, македонисти, балканисти, универзитетски професори, научни работници, преведувачи, млади истражувачи и студенти по македонистика, славистика и балканистика низ светот. Бројот на учесници се движи од 80 до 100, во зависност од финансиската поддршка. Оваа година очекуваме околу 90 учесници. Поголемиот дел од учесниците добива стипендии што им ги доделува Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, потпомогнат од Министерството за образование и наука на Република Македонија и од Министерството за култура на Република Македонија. Учесници на летната школа можат да бидат и тие што се подготвени сами да си ги платат трошоците за учество и за престој во Охрид.
Предавачи и лектори
На летната школа работат врвни стручњаци во својата област. Лектори ќе бидат наставниците и соработниците од Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески” и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” во Скопје, а предавачи се еминенти стручњаци од Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, како и од најугледните македонски научни и културни институции.
Локација
Летната школа na Меѓународниот семинар ќе се одржи во Конгресниот центар на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” недалеку (7 км.) од прекрасниот град Охрид, сместен покрај брегот на Охридско Езеро – езеро со најголема длабочина во Европа - 290m (960 ft), и едно од најстарите во светот. Охрид е најубавиот и најпривлечен град во Македонија - бисер на старата архитектура и ризница на вредни споменици на културата и на историјата. Градот Охрид е едно од најстарите населени места во Европа. Неговото античко име е Лихнидос. Во него има многу цркви и манастири, изградени претежно помеѓу VII и XIX век. Охрид може да се нарече град - музеј, (ставен е под заштита на УНЕСКО) а претставува комбинација на античкото, модерното и ориенталното. Како главен туристички центар во Македонија, Охрид секогаш бил атрактивен за туристите, нудејќи им разновиден репертоар на културни обележја, манифестации, но и недопрена природна убавина.
ПРОГРАМА
Летната школа се состои од лекторски вежби и предавања во претпладневниот дел, и културни активности во попладневноит дел.
Учесниците имаат можност да се определат за еден степен од наведените курсеви:
• почетен • среден • курс за напреднати лингвисти • курс за напреднати литерати
Лекторски вежби
Лекторските часови за почетници се по 4 часа дневно 6 дена во неделата, а останатите курсеви имаат по 3 часа дневно 6 дена во неделата. Слушателите ќе бидат распределени по групи врз основа на тестирање за степенот на познавање на јазикот што ќе биде извршено првиот ден.
Предавања
Предавањата се одржуваат по две дневно (2 часа) и претставуваат преглед на најновите научни достигања од областа на македонскиот јазик, литература, историја и култура.
Изборни курсеви
Изборните курсеви имаат цел во кратки црти да им дадат на учесниците основен преглед и информации за наведените курсеви. Потоа во текот на првата недела, учесниците на летната школа ќе можат да изберат еден од следниве курсеви:
о историја на македонскиот јазик; о историја на македонската култура; о старословенски јазик ; о македонски народни песни (овој курс ќе можат да го избираат сите учесници).
Во текот на втората недела, пак учесниците на летната школа ќе можат да изберат еден од следниве курсеви:
о историја на македонскиот народ; о преглед на македонската литература; о дијалектологија на македонскиот јазик; о етнологија на македонскиот народ; о македонски народни ора (овој курс ќе можат да го избираат сите учесници).
Изборните курсеви се одржуваат по 1 час дневно.
Преведувачка работилница
На летната школа се работи превод на разни текстови деловно-технички, публицистички и текстови од македонската книжевност, а семинаристите ќе можат да избираат помеѓу три јазика: англиски, руски и полски (1 час дневно).
ПРИДРУЖНА ПРОГРАМА
Културна програма
За учесниците подготвуваме и богата културна програма: посета на културното наследство на Охрид (дел од големиот број цркви со значајни фрескоживописи и икони, античкиот амфитеатар, Самоиловата тврдина ...), проекција на македонски филм, македонска театарска претстава, разговор со истакнат писател и претставување на творештвото на истакнат сликар, посета на галерии, запознавање со најновата издавачка македонистичка продукција.
Туристички активности
Во двете недели ќе бидат организирани стручни екскурзии за подобро запознавање на Македонија. Подлабоко ќе се запознаат убавините на градот Охрид, со посетување на неговите знаменитости.
ДРУГИ ИНФОРМАЦИИ
Пристигање на учесниците
Датата на пристигање на учесниците во Охрид е 27 јуни, а датата на заминувањето е од Скопје на 17 јули 2010 година.
Уверение за познавање на македонскиот јазик
Меѓународниот семинарот за македонски јазик, литература и кутура на крајот на своите учесници им издава диплома за стекнати знаења и вештини според курсевите што ги посетуваат на Семинарот. На барање на учесниците Семинарот може да издаде потврда и со точниот број на часови што ги посетувал учесникот.
Рок за пристигање на пријавата
Вашата пријава се очекува да пристигне најдоцна до 30 април 2010 година.
Членови на организацискиот тим
Директор: проф. д-р Максим Каранфиловски Проректор за меѓународна соработка: проф. д-р Моме Спасовски Секретар: Благица Велјановска
Контакт
• поштенска адреса: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ , Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, бул. „Крсте Мисирков“ бб, 100 Скопје
• Број на факс: + 389 2 32 93 202 или + 389 2 32 93 232 Благица Велјановска, секретар + 389 2 32 93 232
• електронска адреса: msmjlk@ukim.edu.mk или B.Veljanovska@ukim.edu.mk
Повеќе информации на: www.ukim.edu.mk/msmjlk
|