 |
| УНИВЕРЗИТЕТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ |
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е првиот државен универзитет во Република Македонија, формиран во 1949 година со три факултети. Денес, тој претставува заедница на 21 факултет, 5 научни институти и 11 придружни членки од кои 4 се јавни научни институти, а неговата дејност е уредена со Законот за високото образование и со Статутот на Универзитетот. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје развива студиски програми во сите научни области - општествените, техничките, природно-математичките, медицинските, биотехничките и во уметностите, а истражувачката работа, освен на факултетите, се одвива и на научните институти во состав на Универзитетот. Сликата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, конкретно, може да се претстави низ следниве бројки: во наставно-образовниот процес на сите факултети се вклучени околу 50.000 студенти од Република Македонија во сите циклуси на студии, како и повеќе од 700 странски студенти, а над 2.700 наставно-научни и соработнички кадри го изведуваат наставно-образовниот и научниот процес на факултетите и институтите. Во досегашниот развој на Универзитетот се создадени над 126.000 високостручни кадри, над 5.300 магистри и специјалисти и над 2.700 доктори на науки од сите наставно-научни области. Во вкупната дејност на Универзитетот посебен белег имаат спортските, уметничките, информативните, рекреативните и други активности организирани во разни друштва, сојузи, клубови и слично.
|
|
|
|